Европската комисија денеска предложи целосно поврзување на Украина со системот за владини сателитски комуникации (GOVSATCOM) во рамки на Вселенската програма на Европската Унија и Програмата за безбедна поврзаност на ЕУ.
Портпаролот на Европската комисија за технолошка сувереност, одбрана и вселена, Тома Рение, изјави дека овој чекор претставува „важен момент во проширувањето на европската безбедносна и технолошка инфраструктура кон Украина“.
„Одбраната и вселената одат рака под рака. Веќе целосно ја интегриравме Украина во нашите одбранбени програми, а сега е време да го направиме истото и во вселенскиот сегмент,“ рече Рение.
Вклучувањето на Украина во GOVSATCOM, според него, ќе обезбеди сигурна и отпорна комуникациска инфраструктура, што ќе придонесе за конкурентноста на Украина и Европската Унија, како и за развој на нови партнерства меѓу украинските и европските компании.
За формално приклучување на Украина кон GOVSATCOM потребно е склучување меѓународен договор меѓу Киев и Европската Унија, во согласност со член 218 од Договорот за функционирање на ЕУ. Отворањето на преговорите ќе биде следен чекор во продлабочувањето на европско-украинското партнерство во областите од клучно значење за безбедноста и стабилноста на континентот.
Програмата GOVSATCOM е создадена за да овозможи безбедни сателитски комуникации преку здружување на капацитетите на земјите членки и приватните оператори. Европската комисија истакна дека овој потег е дел од пошироката стратегија за унапредување на учеството на Украина во Вселенската програма на ЕУ.































