
Синоќа, потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, пристигна во Будимпешта да ја потврди поддршката на американскиот претседател Доналд Трамп за премиерот Виктор Орбан пред клучните парламентарни избори кои се одржуваат оваа недела, јави „Еуроњуз“.
Утрово, Венс ќе се сретне со Орбан, а потоа ќе одржи говор на „Денот на унгарско-американското пријателство“ во спортскиот комплекс МТК. „Ќе разговараме за широк спектар прашања, од билатерални односи до актуелни случувања во Европа и Украина“, рече потпретседателот пред заминувањето од базата Ендрус.
Трамп, кој е познат по својата отворена поддршка на Орбан, уште еднаш истакна дека стои цврсто зад него. „Го поддржувам на претстојните избори целосно“, изјави американскиот лидер, потврдувајќи ја својата лична и политичка наклонетост кон унгарскиот премиер.
Кампањата на Орбан е концентрирана на надворешната политика, при што тој се обидува да балансира односи и со САД, и со Русија, вклучително и со претседателот Владимир Путин. Сепак, анкетите на независни истражувачки институти предвидуваат дека проевропската партија Тиса на Петер Маѓар може да извојува убедлива победа. Провладините медиуми, пак, најавуваат триумф за коалицијата Фидес-КДНП на Орбан.
Во контраст со претходните администрации, сегашната американска влада јавно и активно ги поддржува лидерите што ги смета за идеолошки блиски. Државниот секретар Марко Рубио веќе ја посети Унгарија во февруари, изразувајќи поддршка за Орбан и истакнувајќи: „Вашиот успех е и наш успех.“























