
Данска потврди дека и понатаму важат строгите правила за ангажман на нејзините вооружени сили донесени во 1952 година, според кои војниците мора веднаш да возвратат на секој напад, без да чекаат наредби од командната структура. Ова следува по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој не ја исклучи можноста САД да употребат воена сила за преземање на Гренланд.
Министерството за одбрана во Копенхаген нагласи дека „наредбата за превентивни мерки за воена одбрана во случај на напади врз земјата и за време на војна останува на сила“, што во практика значи дека данските сили се должни веднаш да влезат во борба ако се соочат со инвазија, дури и без формално прогласена војна.
Гренланд, кој е прекуокеанска територија под управа на Данска, реагираше со целосно отфрлање на какви било разговори за негово преземање, додека данската влада порача дека островот „не е на продажба“. Реакции пристигнаа и од други европски лидери, кои порачаа дека ќе го бранат територијалниот интегритет на Гренланд како дел од евроатлантскиот безбедносен систем.
Според дипломатски извори, во Европа се водат интензивни разговори за можните последици од реториката на Вашингтон, а германската влада потврди дека тесно координира со Данска и со другите партнери за следните чекори.
Американскиот државен секретар Марко Рубио најави дека наредната недела ќе се сретне со претставници од Данска и од Гренланд, но избегна да одговори дали воената опција е целосно тргната од маса.



























