
Данските трупи распоредени на Гренланд добиле наредба да бидат борбено подготвени и опремени со боева муниција во случај на евентуален напад од Соединетите Американски Држави, објави данскиот јавен сервис ДР, повикувајќи се на воени документи, а пренесе АФП.
Според извештајот, воената наредба издадена минатата недела предвидува повеќефазна операција, со можност за дополнително испраќање сили и опрема на автономната данска територија. По издавањето на наредбата, цивилни и воени авиони започнале со транспорт на војници и логистичка поддршка кон Гренланд.
Распоредувањето официјално било дел од воената вежба „Arctic Endurance“, која се одвива под водство на Данска и, според најавите од Копенхаген, ќе продолжи во текот на поголемиот дел од наредната година.
Тензиите околу Гренланд се зголемија откако американскиот претседател Доналд Трамп во неколку наврати изјави дека САД ќе го добијат островот „на овој или на оној начин“, не исклучувајќи употреба на сила поради, како што рече, прашања од национална безбедност. Подоцна, по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Трамп соопшти дека се откажува од заканите и дека е постигната „рамка“ за договор.
Во меѓувреме, неколку европски земји испратија ограничен број војници на Гренланд, официјално за подготовки за вежбата. Дел од нив, меѓу кои германски и шведски војници, веќе го напуштија островот, додека други сили и понатаму пристигнуваат.



























