
По повод Меѓународниот ден на образованието, денеска во Битола се одржа информативно-промотивен настан посветен на можностите што ги нуди програмата „Еразмус+“ и европските образовни партнерства, во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Настанот го отвори градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој ја истакна важноста на соработката меѓу локалната самоуправа и Националната агенција во процесот на доближување на европските образовни можности до граѓаните, институциите и организациите.
В.д. директорката на Националната агенција, Ана Михајлов, нагласи дека Битола, како град со богата образовна, културна и граѓанска традиција, е соодветно место за започнување на нов циклус на промоција, информирање и вмрежување на чинителите во образованието, потенцирајќи дека ваквите активности го позиционираат просторот како отворена точка за соработка и средби.

Во рамки на настанот беа презентирани можностите на програмата „Еразмус+“, со посебен осврт на новата акција КА240 – Европски партнерства за унапредување на училишното образование. Присутните имаа можност да се запознаат и со практичен пример од проектот „Еразмус+ Патеки за промена“, презентиран од претседателот на Европскиот културен епицентар – Битола, Веле Георгиев.



























