
Дрвокрадци кои подолг период вршеле нелегална сеча и предизвикувале голема штета во радовишкиот дел на планината Плачковица се фатени на лице место, информира заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михалов.
Акцијата била спроведена во координација со Шумската полиција и полициски службеници од ПС Скопје. При интервенцијата биле одземени две моторни возила, една моторна пила, како и други средства што сторителите ги користеле за нелегалната сеча.
Дрвокрадците се идентификувани, а против нив, како што е најавено, веднаш ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од „Национални шуми“ порачуваат дека борбата против нелегалната сеча продолжува и дека нема недопирливи кога станува збор за заштита на шумите.



























