Рубио: Русија изгубила 100.000 војници во Украина само во првите месеци од 2025 година
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Русија претрпела огромни човечки загуби во конфликтот со Украина – дури 100.000 загинати војници од почетокот на 2025 година. Изјавата ја даде по средбата со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, нагласувајќи дека иако украинските загуби се помали, тие сепак се сериозни.
„Русија од почетокот на годинава изгуби 100.000 војници – мртви, не ранети. Украинските загуби се помали, но не се занемарливи. Претседателот Трамп не сака нови војни“, изјави Рубио.
Тој нагласи дека главната цел на американскиот претседател Доналд Трамп е да се стави крај на крвопролевањето и уништувањето, кои, како што рече, секојдневно ја разоруваат Украина.
Рубио изрази незадоволство од бавниот напредок на мировните преговори, но додаде дека САД остануваат посветени на дипломатските напори и ќе продолжат да работат со трпеливост и решителност за да се најде излез од кризата.
Од украинска страна, врховниот командант на вооружените сили, Олександар Сирски, објави дека во првите шест месеци од 2025 година, украинската армија успеала да елиминира повеќе од 230.000 руски војници – вклучувајќи и загинати и ранети.
Овие податоци повторно ја нагласуваат жестоката цена на војната, која и по повеќе од две години од почетокот, сè уште нема решение на повидок.