Сè повеќе африкански државјани се појавуваат во редовите на руската војска во Украина, а најновиот пример доаѓа од Кенија. Владата во Најроби соопшти дека над 200 нејзини граѓани се приклучиле на руските вооружени сили, откако биле измамени со лажни ветувања за работа во странство.
Министерот за надворешни работи и дијаспора, Мусалија Виклиф Мудавади, изјави дека властите примаат сè повеќе пријави за граѓани кои, под изговор на легално вработување, завршиле како борци на фронтот во Украина.
„Според нашите информации, повеќе од 200 Кенијци се приклучиле на руските вооружени сили. Меѓу нив има и поранешни припадници на безбедносните структури на Кенија“, изјави Мудавади.
Тој предупреди дека регрутирањето странски борци од страна на Русија се шири и во Африка, што, според него, е „исклучително загрижувачки тренд“. Ги повика граѓаните да бидат внимателни кон понуди што „звучи премногу добро за да бидат вистинити“.
Кенискиот претседател Вилијам Руто минатата недела разговараше со украинскиот лидер Володимир Зеленски, барајќи ослободување на Кенијците заробени во зоните на конфликтот.
Слични случаи се пријавени и во други африкански земји. Владата на Јужна Африка соопшти дека се обидува дипломатски да врати 17 свои државјани кои биле намамени со ветувања за високи плати и завршиле заробени во Донбас.
Според украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, моментално повеќе од 1.400 државјани од 36 африкански земји се борат на страната на Русија во Украина.























