
Светската заедница на Генералното собрание на Обединетите нации изрази јасна поддршка за мир во Украина, усвојувајќи резолуција иницирана од страна на Украина и 45 други земји. Во гласањето, 107 земји ја поддржаа мерката, меѓу кои речиси сите членки на Европската унија, како и Македонија. Русија се изјасни против, додека Унгарија, Србија и САД се воздржаа.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, преку „X“ им се заблагодари на државите што застанаа зад Киев, објавувајќи и фотографија од гласачката табела на која се гледа распределбата на гласовите. „Ова е важен чекор кон мирот и заштита на нашите граѓани. Ќе продолжиме со интензивни дипломатски напори со нашите партнери“, истакна Зеленски.
Резолуцијата предупредува на сериозните последици од војната и ја осудува продолжената ескалација на насилство од страна на Русија врз цивили и критична инфраструктура. Таа ја нагласува потребата од почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и единството на Украина, вклучително и нејзините територијални води.
Во текстот се бара целосен и безусловен прекин на огнот, размена на воени заробеници и враќање на сите цивили, вклучително и деца, кои се насилно раселени или притворени.
Американските претставници се воздржаа од гласање поради одредени формулации, оценувајќи дека тие можат да го одвлечат вниманието од тековните дипломатски преговори. Заменик-амбасадорката на САД, Тами Брус, нагласи дека Соединетите држави сакаат да се фокусираат на сите можни патишта за мир. Украинската дипломатија ова го оцени како „неприфатливо“.























