Министерството за спорт и Министерството за економија беа активни учесници и соработници на Регионалната ЕУ конференција: „Мостови на искуство: Зајакнување на сениорското волонтирање за одржлив развој низ Балканот“ што се одржа на 24 и 25 ноември 2025 година во Скопје, во организација на Асоцијацијата за Спорт и Волонтерство (АСВ-Скопје), Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП-Скопје), Центарот за европско волонтирање (CEV – Брисел) и Конфедерацијата на европски услуги на сениорски експерти (CESES – Брисел).

Главната цел на овој значаен меѓународен настан е зајакнување на регионалната соработка меѓу владите на балканските земји, граѓанското општество, приватниот сектор и академската заедница, со цел промоција на инклузивното волонтерство, во пресрет на Меѓународната година на волонтерството 2026 (IVY 2026) на Обединетите нации.
На Конференцијата на која присуствуваше и ЕУ амбасадорот, Н.Е. Михаелис Рокас беше истакнат растечкиот потенцијал на волонтерството во сите возрасни групи, особено кај лицата над 50 години кои продолжуваат активно да придонесуваат во општеството. Со своето искуство, вештини и лидерство, тие играат клучна улога во јакнењето на заедниците, пренесувањето на знаење и поттикнувањето на меѓугенерациска солидарност.

Како претставници од Министерството за спорт на Конференцијата присуствуваа државниот секретар, Сашо Огњеновски и посебната советничка на министерот за спорт за ЕУ проекти и децентрализација, Гордана Цветковска Бошевска.
Волонтерство во спортот беше тема на панел-сесијата „Од спортски настани до секојдневие: Волонтерски улоги во спортот што ги поврзуваат генерациите“, на која учествуваа претставници од Министерството за спорт, од националните спортски федерации и здруженија, како и поранешни спортисти и тренери. Во обраќањата на присутните панелисти беше потенцирано дека „спортот е природна и моќна платформа за социјална промена во светот, а волонтерството негова алатка“.
Поранешните спортисти, тренери и професионалци од спортскиот сектор носат уникатна мотивација и практично знаење што може да ги збогати волонтерските иницијативи, инспирирајќи ја младината и промовирајќи вредности како тимска работа, инклузија и општествена одговорност.
Во дискусијата беа споделени различни искуства и беше нагласена важноста и потребата од развој на национални и регионални модели на спортско волонтерство, создавање на програми за спортски настани, менторство, лидерство и вклучување на сениорски волонтери како пример за активно стареење и општествена кохезија.
Главна цел на Конференцијата, како што нагласија организаторите, е да обезбеди платформа за зајакнување на партнерствата и усогласување на националните политики со европските рамки за признавање и унапредување на волонтерството како и иницирање на партнерства меѓу федерациите и институциите од регионот и развивање на конкретни акциски планови за интеграција на волонтерството во спортот во националните стратегии.























