Меси и Роналдо искрено за својот однос: „Ние не сме пријатели, но има почит“
Додека милиони деца ширум светот кои го обожаваат фудбалот сè уште дебатираат дали Лионел Меси или Кристијано Роналдо е најголемиот на сите времиња, малкумина навистина знаат каков однос имаат овие две икони на современиот спорт.
И Аргентинецот и Португалецот ретко јавно зборуваат еден за друг, па секоја нивна изјава се третира како злато вредна – обид за дешифрирање дали меѓу нив владее почит или прикриена антипатија.
Иако ривалството меѓу Меси и Роналдо достигна кулминација додека настапуваа за Барселона и Реал Мадрид, денес – кога се наоѓаат на различни континенти, Меси во Интер Мајами, а Роналдо во Ал Наср – многумина веруваат дека тензиите спласнале.
Заедно, овие двајца великани имаат освоено вкупно 19 шампионски титули, девет трофеи во Лигата на шампионите и седум меѓународни медали со своите национални тимови. Во индивидуалната трка за „Златната топка“, Меси води со 8 наспроти 5 освоени трофеи.
Во последните години, и двајцата дадоа срдечни изјави еден за друг. Роналдо неодамна изјави дека ја цени кариерата на Меси, додека Аргентинецот рече дека уживал во борбата со Роналдо за време на „златната ера на фудбалот“.
Сепак, Меси за аргентинскиот „DSports“ откри дека не се во блиска пријателска релација:
„Имам голема почит за Кристијано Роналдо и за сето она што го постигна – и сè уште го постигнува – бидејќи и понатаму игра на највисоко ниво. Се натпреварувавме интензивно на теренот, секој даваше сè од себе за својот тим. Но, сè остана таму. Надвор од теренот сме нормални луѓе. Не сме пријатели бидејќи не поминуваме време заедно, но почитувањето е секогаш присутно“, рече Меси.
Роналдо, пак, во претходно интервју даде своја дефиниција за нивниот однос:
„Имаме добар однос. Нашето ривалство беше здраво и инспиративно“, изјави Португалецот.
Иако не се блиски пријатели, Меси и Роналдо со години се симбол на врвниот професионализам и страст за играта, а нивниот меѓусебен респект останува еден од највпечатливите моменти во историјата на фудбалот.