
Француската фудбалска репрезентација остана без пласман во финалето на Светското првенство, а капитенот Килијан Мбапе не го криеше разочарувањето по поразот од Шпанија со 2:0.
Шпанците одиграа одличен натпревар и заслужено обезбедија место во големото финале, откако со головите на Микел Ојарсабал од пенал и Педро Поро ја елиминираа Франција, која важеше за еден од главните фаворити за трофејот.
Мбапе, кој до полуфиналето беше еден од најдобрите играчи на турнирот со осум постигнати голови и три асистенции, овојпат не успеа да ја покаже својата препознатлива форма. По натпреварот отворено ги критикуваше грешките на својот тим.
„Не го одигравме натпреварот како што требаше. Ниту тактички, ниту технички не бевме на нивото што го покажавме претходно. Кога не го правиш тоа што треба во полуфинале на Светско првенство, не можеш да победиш“, изјави Мбапе.
Ѕвездата на Франција призна дека тимот не успеал да го спроведе планот против Шпанија, која доминирала со поседот и темпото на игра.
„Шпанија се држеше до својот план. Тие сакаат да ја имаат топката, да го контролираат натпреварот и да го диктираат ритамот. Ние сакавме со висок пресинг да им ја нарушиме играта, но не успеавме“, додаде капитенот.
Мбапе посочи дека Франција направила премногу технички грешки и дека не знаела да ги искористи моментите кога имала можност да се закани.
„Им дозволивме да го контролираат натпреварот. Направивме премногу грешки, ни недостасуваше комуникација и не успеавме да го промениме текот на играта“, рече тој.
И покрај големото разочарување, Мбапе порача дека Франција мора да продолжи понатаму и да се подготви за следните предизвици.
„Сонувавме за финале и сакавме повторно да испишеме историја. Разочарувањето е огромно, но фудбалот не чека никого. Мора да се собереме и да продолжиме“, заврши напаѓачот.

















