
Лишен од слобода помошник директор во Царинска управа, примил поткуп од 17.500 евра, поднесена кривична пријава
На 10.09.2026 во близина на клучка Желино, на автопатот Скопје-Тетово, полициски службеници под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК го лишија од слобода Џ.И. (63) од Шипковица, Тетово, помошник директор во Царинска управа на РСМ. Денеска (11.09.2026) Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против него за сторени кривични дела „примање поткуп“ по член 357 и „примање награда за противзаконито влијание“ по член 359 од КЗ.
Во период од април до септември 2026 година, пријавениот во повеќе наврати побарал вкупно 17.500 евра од граѓанин што го пријавил настанот. Од вкупниот износ, 7.500 евра побарал и ги примил во врска со веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа, со цел договорот да продолжи да се реализира без пречки и без ризик од негово раскинување. Дополнително, побарал 10.000 евра за да го искористи своето реално влијание во постапка за јавна набавка која се наоѓала пред Државната комисија за жалби по јавни набавки. Неговата намера била, по враќањето на постапката на повторно одлучување во Царинската управа, да влијае врз изменување на критериумите во техничката спецификација во корист на правното лице.

















