
На само четири дена пред почетокот на Европското првенство во ракомет, најдобрите македонски судии, Начевски и Николов, се повлечени од официјалниот список на судии поради наводна манипулација со видеа од фитнес тестови, соопшти Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Според ЕХФ, сите судии мора да спроведат задолжителен кондициски тест за физичка подготвеност како дел од подготовките за турнирот. Тестот вклучува доставување на две видео-снимки од „мултистепен тест на физичка подготвеност“ – едно видео осум недели, а второ четири недели пред натпреварот. Видеата ги евалуира партнерот на ЕХФ, Fitgood Pro.
По доставувањето на снимките од Николов и Начевски, ЕХФ била известена дека видеата можеби се изменети и не го прикажуваат точно целиот тест. Видеата биле дополнително испитани од Fitgood Pro и подоцна предадени на Sportradar, партнерот за интегритет на федерацијата.
Анализата покажала дека постои висока веројатност дека снимките биле манипулирани, што довело до одлуката дватајца судии да бидат отстранети од учество на ЕП.



























