УТРО.мк

Ландо Норис со прва домашна победа: Триумф на драматичната трка во Силверстоун

Ландо Норис со прва домашна победа: Триумф на драматичната трка во Силверстоун
Vero

Британскиот возач Ландо Норис ја израдува домашната публика со прва победа на легендарната патека Силверстоун, освојувајќи ја Големата награда на Велика Британија – 12. трка од сезоната во Формула 1.

Возачот на Мекларен ја искористи клучната грешка на својот тимски колега Оскар Пјастри при ре-стартот на трката, во услови на променливо време и дожд. Пјастри, кој водеше најголем дел од трката, не успеа правилно да го темпира забрзувањето по ре-стартот, што резултираше со казна која го чинеше победа. Норис ја искористи ситуацијата и со одлично возење финишираше прв, пред Пјастри со седум секунди разлика.

Изненадувањето на денот го приреди искусниот Нико Хулкенберг, возачот на Кик Заубер, кој стартуваше од 19-тото место, а заврши на подиумот – трет. Ова е прв подиум во неговата долга Формула 1 кариера, и тоа во 242. трка.

Актуелниот шампион Макс Верстапен, кој стартуваше од пол-позицијата, исто така направи грешка при ре-стартот и заврши на петтата позиција, зад Луис Хамилтон кој го освои четвртото место на омилената домашна патека.

Во генералниот пласман, Оскар Пјастри и понатаму е лидер со 234 бодови, но неговата предност пред Норис се стопи на само осум поени (226). Верстапен е трет со 165 бодови и се чини дека полека ја губи битката за титулата.

Следната трка на календарот е Големата награда на Белгија на 27 јули, каде се очекува нова пресметка во жестоката борба за шампионската круна.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран