
Фудбалскиот сојуз Викторија го казни австралискиот фудбалски клуб Preston Lions FC со играње на следните два домашни натпревари без присуство на публика, поради несоодветно однесување на дел од навивачите за време на дуелот против South Melbourne FC во рамки на Националната Премиер лига Викторија.
Одлуката следува по истрагата за инцидентите што се случиле минатиот викенд, кога група поддржувачи на Престон истакнале транспаренти кои Фудбалскиот сојуз на Викторија ги оцени како провокативни.
„Фудбалот никогаш не смее да биде платформа за омраза, заплашување или навреди“, порача раководното тело, оценувајќи го однесувањето како „крајно неприфатливо“.
Како дел од санкцијата, следните два домашни лигашки натпревари на Престон Лајонс ќе се одиграат зад затворени врати, без присуство на гледачи. Фудбалскиот сојуз на Викторија најави дека е можно да има и дополнителни дисциплински мерки против клубот и поединците кои учествувале во инцидентот.
Од клубот веднаш се оградија од постапките на навивачите. Претставниците на Престон Лајонс соопштија дека транспарентите биле отстранети кратко по нивното појавување и дека таквото однесување не го претставува клубот ниту мнозинството од неговите навивачи.
Клубот најави дека ќе соработува со властите за идентификација на одговорните лица и ќе помогне во истрагата.
Престон Лајонс, клуб со долга историја во Мелбурн основан од Македонско-австралиската заедница, во исто време има успешен период на теренот. Само неколку дена по контроверзниот натпревар, тимот направи големо изненадување во Австралија Купот, откако надополни негатива од 0:2 и го совлада тимот од А-лигата, Newcastle Jets FC со 3:2.
Фудбалскиот сојуз нао Викторија порача дека страста и поддршката од трибините се важен дел од спортот, но дека дискриминацијата, навредите и заплашувањето немаат место во фудбалот и ќе бидат санкционирани со цел да се заштитат играчите, официјалните лица и навивачите.

















