
Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија изрече серија санкции и отвори нови постапки по бурното коло во македонските фудбалски лиги, во кое беа забележани пиротехника, недолично однесување, навреди и организациски пропусти на повеќе натпревари.
Најголемо внимание предизвика случајот со ФК Вардар, против кој е поведена дисциплинска постапка поради, како што наведува комисијата, недолично, потценувачко и дискриминирачко прославување од страна на фудбалерите. Клубот од Скопје дополнително е казнет и финансиски со 1.000 евра за употреба на пиротехнички средства на дуелот со ФК Пелистер, како и со нови 2.500 евра по натпреварот против ФК Силекс, исто така поради пиротехника.
Не остана поштеден ниту битолскиот клуб ФК Пелистер, кој ќе плати 2.500 евра поради користење пиротехнички средства на дербито со Вардар.
Серија санкции пристигнаа и за клубови од Тетово и регионот. ФК Шкендија е казнета со 5.000 евра поради навредливо скандирање кон ФФМ и националистички пораки на натпреварот со ФК Струга Трим Лум. Дополнително, членови од клубот беа директно санкционирани: фудбалерот Имран Фетаи доби казна од 500 евра поради кршење врата по натпревар, додека тренерот Јетон Беќири исто така е казнет со 500 евра поради вербален конфликт со припадници на МВР по истиот меч против ФК Силекс.
Во посебен случај, Шкендија Арачиново е казнета со 1.000 евра поради пиротехника и влегување на претседателот на клубот на терен на дуелот со ФК Брегалница 2008. Истиот клуб од Штип доби значително повисока казна од 5.000 евра поради слаба организација, присуство на неслужбени лица и недоволен редарски надзор.
Низа инциденти со пиротехника беа регистрирани и во пониските лиги. ФК Осогово Кочани е санкциониран со 300 евра по натпреварот со Шкендија Арачиново, додека ФК Каменица Саса и ФК Детонит Плачковица добија по 150 евра поради фрлање предмети кон теренот.
Посебно внимание предизвика и казната за ФК Тиквеш 1930, кој е санкциониран со вкупно 10.000 евра за два одделни прекршоци: истакнување навредлив банер кон ФФМ, како и користење пиротехника и топовски удари, придружени со попречување на камерманот за време на директен пренос на натпреварот против ФК Арсими 1973.
















