УТРО.мк

Дешамп по пласманот во четвртфинале: Парагвај играше премногу грубо, Мбапе беше главна мета

Дешамп по пласманот во четвртфинале: Парагвај играше премногу грубо, Мбапе беше главна мета
Vero


Франција се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство 2026, откако со минимални 1-0 го совлада Парагвај во исклучително тежок и физички исцрпувачки натпревар. Победничкиот гол го постигна Килијан Мбапе од пенал во 70. минута, а по мечот селекторот Дидие Дешамп упати остри критики за грубиот стил на игра на противникот.


Според Дешамп, Парагвајците користеле „сите можни средства“ за да ја запрат Франција, а најголема загриженост му предизвикала безбедноста на капитенот Килијан Мбапе.
„Не беше лесно. Ако ги искористевме двете големи шанси на крајот, ќе беше многу помирно. Но, тие играа со сите можни средства. Можеби тоа не е фудбал што ќе ги полни трибините на стадионите, но се исклучително агресивни и тоа дополнително го отежнува натпреварот“, изјави Дешамп.


Францускиот селектор откри дека на крајот од натпреварот им дал посебна задача на двајца свои фудбалери.
„Ги замолив двајца од нашите најголеми играчи да застанат покрај Килијан на крајот од натпреварот, бидејќи ќе го собореа. Искрено се плашев дека ќе му наштетат“, рече Дешамп.


Тој потсети дека ова не е првпат Мбапе да биде мета на груби стартови.
„Се сеќавам на натпреварот против Уругвај на Светското првенство во 2018 година, кога морав да го заменам затоа што противниците буквално ќе го искршеа со стартовите“, нагласи францускиот стратег.
Иако Франција доминираше во поседот на топката, долго не успеваше да ја пробие компактната одбрана на Парагвај, која се бранеше со голем број играчи зад топката. Дополнителен проблем, според Дешамп, претставувале и високите температури во Филаделфија.


„Не отстапивме од нашиот стил на игра, но беше многу тешко. Парагвај беше згуснат во одбраната и одлично се бранеше. Очигледно и жештината влијаеше врз нашиот интензитет, а секој пад на ритамот тие знаеја максимално да го искористат“, рече селекторот.
Тој додаде дека неколку француски репрезентативци биле испровоцирани во текот на натпреварот, а дел од прекршоците, според него, останале несанкционирани.


„Имаше ситуации во кои нашите играчи беа испровоцирани, а ние добивме и два жолти картони. Во исто време, некои нивни прекршоци останаа без казна“, истакна Дешамп.
Сепак, искусниот стратег е задоволен од реакцијата на своите избраници.
„Ние сме многу сплотена група со одличен тимски дух. Денес бевме ставени во многу тешка ситуација, но го направивме тоа што требаше. Во четвртфинале сме, сега имаме пет дена да се опоравиме и да се подготвиме за следниот предизвик“, порача Дешамп.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin