
Политичката партија ВЛЕН денеска соопшти дека официјално започнува изградбата на автопатот Скопје–Блаце, кој го оценува како еден од најзначајните инфраструктурни проекти за поврзување на Северна Македонија со Косово.
Од партијата посочуваат дека повеќе од една деценија изградбата на оваа автопатска делница била најавувана, но без конкретна реализација.
„Повеќе од една деценија, оваа автопатска делница беше повеќе политичко ветување отколку конкретна реалност. Служеше како изборен аргумент, неколкупати беше означуван почетокот на работите и многупати беше предвидувана во државниот буџет, но на крајот сè завршуваше во ќорсокак“, наведуваат од ВЛЕН.
Според партијата, со денешниот почеток на работите се отвора реална перспектива за изградба на патот кој треба да овозможи подобро поврзување на Скопје со Косово.
Од ВЛЕН нагласуваат дека патиштата не ги поврзуваат само градовите и државите, туку создаваат можности за економски развој, трговија и поголема поврзаност меѓу луѓето и заедниците.
Во соопштението партијата се осврнува и на симболиката на денешниот датум, поврзувајќи го почетокот на изградбата со роденденот на Мајка Тереза.
„Не е случајно што токму денес, на роденденот на најпознатата скопјанка во светот, хуманистката и нобеловка Мајка Тереза, започнуваме изградба на пат што ќе ги поврзува луѓето“, велат од ВЛЕН.
Од партијата додаваат дека патиштата не се само асфалт и бетон, туку претставуваат врска меѓу луѓето, културите, економиите и можностите.
„Затоа, денес, повеќе од кога било: Сите патишта водат кон Блаце!“, порачуваат од ВЛЕН.

















