Коалицијата ВРЕДИ обвинува дека Демократската унија за интеграција (ДУИ) пет дена целосно молчи за информациите околу приватните посети на Бујар Османи во Белград, како и за средбите со претставници на српските власти.
„ДУИ водеше дипломатија со Белград, не со Приштина. ДУИ се сликаше со Вучиќ, не со Курти. Пет дена нема ни демант, ни реакција, ни одговор – само молк. Зошто тишина од партија што се претставува како ‘заштитник’ на евроатлантскиот курс и албанските интереси?“, прашуваат од ВРЕДИ.
Според нив, молкот е потврда на сите сомнежи – дека зад јавната реторика на ДУИ, се кријат тајни договори и координација со Белград, кои одат на штета на националните интереси на Албанците.
Тајни врски со Вучиќ?
Од ВРЕДИ прашуваат дали Бујар Османи и понатаму ќе добива поддршка од Белград, како што било и во минатото, и дали ќе продолжи соработка со ПР-тимовите блиски до Вучиќ, кои, според нив, веќе работеле со претходната влада на СДСМ и ДУИ.
„Дали зад сцената се градат нови сојузи со Белград, додека во јавноста се глуми патриотизам?“, се вели во соопштението.
Во пресрет на локалните избори во Чаир, каде ДУИ го кандидира поранешниот министер и екс-претседателски кандидат, ВРЕДИ бара целосна транспарентност.
„Албанците не заслужуваат да бидат водени од луѓе кои градат тајни врски со центри на моќ што ги игнорираат нашите национални интереси. Народот веќе знае дека зад вратата на ‘европска дипломатија’ се кријат состаноци што мирисаат на ‘српски свет’. И тоа нема да го дозволиме!“, стои во соопштението на ВРЕДИ.