Со удар на црковното ѕвоно, утрово во 8:30 часот започна свеченоста на осветувањето на црквата „Свети Константин и Елена“ во срцето на Скопје. Настанот го привлече вниманието на голем број верници, свештени лица, високи државни претставници, пратеници, политички делегации и претставници на дипломатскиот кор.
Чинот на осветувањето го изврши архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, заедно со повеќе владици од Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Верниците се собираа уште од раните утрински часови, а поради големиот интерес, пред храмот беше поставен и видео бим за да може церемонијата да ја следат и оние кои не успеаја да влезат внатре.
Изградбата на црквата започна во 2012 година и траеше 13 години, со засилени активности во последните две години, кога беше завршено внатрешното уредување, фасадата и околината.
Со овој чин, Скопје доби нов духовен и културен симбол, посветен на светите рамноапостоли Константин и Елена.