
Американскиот претседател Доналд Трамп го поздрави договорот за колективна одбрана што го потпишаа Саудиска Арабија, Турција и Пакистан, оценувајќи го како значаен чекор кон поголема соработка и безбедност на Блискиот Исток.
„Многу ми е драго што Саудиска Арабија, Турција и Пакистан неодамна, и конечно, потпишаа Договор за колективна одбрана во Мека. Тоа покажува како Блискиот Исток се зближува и како земјите конечно ќе можат да се одбранат на позначаен начин“, напиша Трамп на неговата платформа Truth Social.
Американскиот претседател им честиташе на лидерите на трите земји, додавајќи дека договорот претставува „голем, смел и важен прв чекор“.
Саудиска Арабија, Турција и Пакистан договорот го потпишаа на почетокот на август. Според заедничката изјава, целта е зајакнување на колективното одвраќање од сите форми на агресија и продлабочување на одбранбената соработка.
Една од клучните одредби предвидува дека вооружен напад врз една од трите земји ќе се смета за напад врз сите потписнички.
Договорот беше потпишан во Саудиска Арабија, за време на состанокот меѓу саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф.
Со договорот трите држави најавуваат унапредување на повеќе аспекти од меѓусебната одбранбена соработка, што дополнително го зајакнува нивното стратешко партнерство.

















