Со порака на заедништво и решителност, Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Кисела Вода, испрати силен сигнал за продолжување на мисијата за обновено и достоинствено Скопје. На пријателска средба со своите колеги – Бобан Стефковски (Гази Баба), Дарко Костовски (Бутел), Дејан Митески (Аеродром) и Александар Стојкоски (Ѓорче Петров), Ѓорѓиевски порача дека градот е подготвен за нова фаза на развој.

„Скопје нѐ чека! Го чека обнова. Го чека напорна работа, одлучност и луѓе кои нема да се штедат за неговата иднина,“ истакна Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи, нагласувајќи дека дојдено е времето да му се врати достоинството на главниот град.

Тој потенцираше дека патот што го започнале пред четири години, базиран на работа, посветеност и искрена верба во подобро утре, продолжува со нов елан и јасна визија. „Ние сме подготвени – да го водиме Скопје со чест, со љубов, исправени и со чист образ,“ порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека скопјани заслужуваат многу повеќе.

Средбата со неговите колеги градоначалници се толкува како дел од поширока координација и консултација за идните чекори во насока на обнова на Скопје, при што заедничката цел останува – подобар, поуреден и подостоинствен главен град.