Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Град Скопје, вечерва од Општина Чаир испрати јасна порака за обединување и работа за сите граѓани. „Јас ќе бидам градоначалник на сите скопјани. Скопје не е збир на поделени општини, туку еден град, еден дом за сите нас“, рече Ѓорѓиевски пред присутните граѓани.

Тој нагласи дека поделбите се минато и дека со заедничка работа се решаваат наталожените проблеми. „Мојата рака е подадена кон сите – Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби и Власи. Ве повикувам сите заедно да работиме за нашиот град“, порача кандидатот.
Главните проекти за Општина Чаир, како што истакна, се решавање на сообраќајниот хаос со изградба на булеварот „Цветан Димов“ со шест ленти, велосипедски патеки, зеленило и осветлување, како и изградба на монтажен паркинг кај „Чаирчанка“. Дополнително, ќе се инвестира во чистота, јавна хигиена и комунален ред, за Чаир да добие современ лик.

Ѓорѓиевски најави дека ќе се продолжи со развојни проекти низ целото Скопје, вклучително и уредување на Скопското Кале и Старата чаршија како културни и туристички центри. Тој ги повика граѓаните да излезат масовно на изборите и да ја поддржат визијата за модерно, европско и просперитетно Скопје уште во првиот круг.
„Најдоброто допрва доаѓа“, порача Ѓорѓиевски.