
Општина Бутел воведува нова мерка за поддршка на младите семејства: секое новороденче ќе биде финансиски поддржано со еднократен надомест од 5.000 денари. Оваа одлука претставува значаен чекор напред во социјалната политика на локалната самоуправа и јасен сигнал дека демографските и семејните прашања се високо на агендата на општината.
Градоначалникот Дарко Костовски истакна дека со оваа мерка не само што се исполнува, туку и се надминува предизборното ветување за помош од 3.000 денари по новороденче. Зголемувањето на износот на 5.000 денари, според него, е резултат на одговорно и рационално управување со општинскиот буџет.
Финансиската поддршка е дел од Програмата за социјална заштита за 2026 година и има за цел да им олесни на младите родители во првите, најчувствителни месеци по раѓањето на детето. Но, ова не е единствената инвестиција во иднината на најмладите.
Паралелно со директната финансиска помош, Општина Бутел интензивно вложува и во образовната и воспитната инфраструктура. Во тек е изградба на две нови детски градинки во Бутел 1 и Бутел 2, а во најавата се и нови објекти во Радишани, Визбегово и повторно во Бутел 1, со што значително ќе се зголеми капацитетот за згрижување на деца.



























