УТРО.мк

200 жители прво да се иселат, па потоа депонијата Вардариште ќе се решава

200 жители прво да се иселат, па потоа депонијата Вардариште ќе се решава
Vero

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека трајното решение за депонијата Вардариште бара делување во повеќе насоки, бидејќи станува збор за проблем стар неколку децении.

„Прво мора да се најде начин за дислокација на околу 200 луѓе кои живеат на тоа подрачје, па дури потоа може да се решава проблемот со отпадот“, нагласи Тошковски.

Тој потсети и на пожарот во магацините за електронски отпад во Трубарево, каде што биле вклучени екипи од повеќе институции, како и странски експерти, бидејќи, според него, Македонија првпат се соочува со ваков вид еколошка катастрофа.

„Институциите да си ја завршеле работата навреме, немаше да дојде до ова. Повеќе од 30 години гледаме деградација, уништување и нефункционалност на институциите, со несоодветен кадар кој не ги извршувал своите надлежности. Сега сме должни случајот да го истражиме целосно и да се придржуваме до највисоките стандарди за постапување со ваков тип отпад“, рече министерот.

Тошковски информираше дека по пожарот веќе се повикани четири лица на информативен разговор, а дел од нив се под мерки предложени од јавен обвинител.

„Будни сме и присутни на терен. За секој за кој ќе има докази дека е вклучен во еколошки криминал ќе следуваат соодветни пријави. Граѓаните заслужуваат безбедна и чиста Македонија“, порача тој, додавајќи дека истрагата ќе оди „најдлабоко до каде што може“ и апелираше до сите институции, особено до Министерството за животна средина, активно да се вклучат во решавањето на проблемот.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран