УТРО.мк

Пилоти, доктори и професори суспендирани поради славење на убиството на Чарли Кирк

Пилоти, доктори и професори суспендирани поради славење на убиството на Чарли Кирк
Vero

Десетици вработени во САД – од доктори и универзитетски професори до пилоти – се соочуваат со откази или дисциплински постапки поради објави на социјалните мрежи со кои го исмејувале или славеле убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк, јавуваат „NBC“ и „CNN“.

Администрацијата на Доналд Трамп побара санкции за сите кои се „фатени како слават атентат“. Министерот за одбрана Пит Хегсет им нареди на службите да ги идентификуваат и дисциплинираат припадниците на војската кои реагирале несоодветно, додека министерот за транспорт Шон Дафи нагласи дека компаниите кои се грижат за безбедноста на патниците мора да имаат нулта толеранција за такво однесување.

Авиокомпаниите Делта Ерлајнс, Американ Ерлајнс и Јунајтед Ерлајнс веќе суспендираа дел од своите вработени. Извршниот директор на Делта, Ед Бастијан, во интерно писмо нагласи дека објавите „далеку ги надминуваат границите на здрава и пристојна дискусија“ и се спротивни на вредностите на компанијата.

Паралелно, конзервативни активисти започнаа онлајн кампања за „разоткривање“ на сите кои, според нив, го оправдувале убиството. Сајтот „Да ги откриеме убијците на Чарли“ веќе примил над 30.000 пријави, најавувајќи создавање пребарлива база на податоци според локација и индустрија.

Случајот отвори широка дебата во јавноста за границите меѓу слободата на говор и одговорноста за објави на социјалните мрежи во време на политички турбуленции.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран