
Новата сообраќајница СРУ5 во Битола, која ја поврзува улицата „Партизанска“ со населбата „Златен рид“ во просторот на старата касарна, деновиве предизвика внимание во јавноста поради трафостаницата која се наоѓа во непосредна близина на коловозот и тротоарот. Но, според увидот во документацијата што го објави „Независен“, објектот не е резултат на случајна или непланирана изведба, туку е дел од урбанистичките и сообраќајните проекти уште од претходните плански решенија.
Како што објави „Независен“, од проектната документација произлегува дека улицата се изведува согласно Деталниот урбанистички план од 2010 година, кој е геореференциран и поставен со точни координати. Врз основа на тој план се уредувале парцелите, улиците, тротоарите и целокупната организација на просторот во поранешната касарна.
Тоа значи дека трасата на улицата не може произволно да се поместува ниту лево ниту десно, бидејќи со тоа би се нарушила веќе утврдената планска документација, како и имотно-правната и инфраструктурна организација на просторот.
Според информациите што ги пренесува „Независен“, трафостаницата постои на истата локација во сите досегашни проекти. Сообраќајниот проект е изработен уште во 2014 година, а и тогаш трансформаторот бил евидентиран како дел од просторот околу улицата. Новина во актуелното решение е предвидената велосипедска патека, која се поврзува со новите велопатеки на улицата „Партизанска“.
Од Општина Битола објаснуваат дека за изведбата постои целосна документација одобрена согласно Законот за градење, како и одобренија за сообраќајниот режим од СВР Битола, и во претходниот проектен период и во актуелната 2026 година.
Иако дел од јавноста реагираше на визуелниот впечаток што го остава трафостаницата во близина на коловозот, стручните лица посочуваат дека функционално улицата не е компромитирана. Напротив, во делот кај трафостаницата двете сообраќајни ленти имаат вкупна ширина од шест метри, односно по три метри по лента, што овозможува нормално одвивање на сообраќајот.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, во изјава пренесена од „Независен“, нагласува дека улицата сè уште се работи и не е официјално ставена во употреба. Тој потенцира дека трафостаницата е важен инфраструктурен објект, бидејќи обезбедува електрично напојување за повеќе значајни објекти во градот, меѓу кои Спортската сала „Боро Чурлевски“, Завод и Музеј Битола, Катастарот, дел од ракометното игралиште и Градското шеталиште.
Од таа причина, според Коњановски, Општината одлучила да продолжи со инвестицијата и изградбата на улицата, наместо проектот да се стопира на неопределено време додека се спроведуваат сложени постапки за евентуално дислоцирање на трафостаницата и изградба на нова со соодветен капацитет.
Таквата одлука, според општинските власти, е особено значајна ако се има предвид дека просторот на поранешната касарна интензивно се развива, а во близина се предвидени и нови градби. Дополнително, Битола во наредниот период очекува и нови електрични автобуси, за кои ќе биде потребно стабилно и соодветно електрично напојување.
Коњановски оценува дека трансформаторот може да биде предмет на визуелна или естетска забелешка, но не претставува функционална пречка за сообраќајот. Тој додава дека координацијата со ЕВН била воспоставена во текот на целата изведба на проектот и очекува во скоро време да се надминат и визуелните забелешки поврзани со овој дел од улицата.
Случајот со трафостаницата отвори јавна дебата, но увидот во документацијата покажува дека станува збор за проект кој се реализира врз основа на важечка планска и техничка документација, а не за ад хок решение на терен. Од аспект на Општина Битола, клучната дилема не е дали улицата требало да се гради, туку дали градот треба да продолжи со инфраструктурниот развој и паралелно да ги решава затекнатите технички предизвици.
Со изградбата на оваа сообраќајница, Битола добива нова врска меѓу „Партизанска“ и „Златен рид“, подобро поврзување на просторот на старата касарна и дополнителна велосипедска инфраструктура, што е дел од поширокиот процес на урбанистичко активирање на овој дел од градот.























