
Во централното градско подрачје на Пробиштип во тек се активности за реконструкција на улицата „Ленинов плоштад“, информираше градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски.
Во моментов се работи на отстранување на постојните бетонски тротоари, по што ќе следуваат повеќе градежни активности насочени кон подобрување на инфраструктурата и условите за движење на граѓаните.
Според најавите од општината, проектот опфаќа изградба на нови тротоари, нивелирање на подлогата на улицата, прередување на базалтната коцка, изградба на дополнителни паркинг места, како и поставување ново улично осветлување.
Градоначалникот Тоневски посочи дека реконструкцијата е дел од активностите за уредување и модернизација на централното градско подрачје, со цел подобра функционалност и побезбедно движење за пешаците и возилата.
















