
Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, оствари конструктивна средба со дел од активистите од здружението „Вита-Максима“, посветена на актуелната состојба со бездомните животни и можностите за унапредување на нивното хумано заловување и згрижување.
На средбата, како што информира Тоневски, било разговарано за конкретни мерки и иницијативи кои ќе придонесат за системско решавање на проблемот со кучињата скитници. Тој ја споделил и идејата за изградба на регионален стационар за згрижување на бездомни миленици, кој ќе претставува долгорочно и одржливо решение на ниво на целиот регион.
„Со овие млади и посветени волонтери, кои се вистински борци за благосостојбата на животните, разговаравме за конкретни чекори за подобрување на состојбата. Проектот за регионален стационар ќе биде дополнително разработен во наредниот период“, истакна Тоневски.
Дополнително, во соработка со здружението и ветеринарните станици, најавена е поддршка за стерилизација на домашните миленици во втората половина од годината, како клучна мерка за контрола на популацијата на бездомни животни.























