
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, денеска се сретна со младиот каратист Матеј Белистојаноски, кој на Европското првенство во карате за кадети, јуниори и У-21 во Лимасол, Кипар, освои златен медал и се закити со титулата европски шампион во категоријата У-21 до 67 килограми.
Проданоски истакна дека станува збор за извонреден успех, постигнат во силна конкуренција од 1.276 натпреварувачи од 47 држави, каде Белистојаноски забележал шест победи во исто толку борби, покажувајќи врвна подготвеност, дисциплина и шампионски дух.
„Ова е голем успех кој не само што го афирмира Прилеп, туку и целата држава. Нашите млади спортисти се најдобри амбасадори и гордост за Македонија“, посочи Проданоски.
Тој додаде дека локалната самоуправа ќе продолжи да ги поддржува младите таленти и врвни спортисти, нагласувајќи дека ваквите резултати се мотив повеќе за вложување во спортот.























