
Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Канал 5 остро ја критикуваше опозицијата, оценувајќи дека таа претставува „меко ткиво“ во однос на клучните национални прашања, вклучително и идентитетските теми и уставните измени.
Според Мицкоски, опозицијата предводена од СДСМ не извлекла поуки од претходните политики и продолжува да делува спротивно на, како што рече, интересите на државата. Тој ја обвини партијата за погрешни одлуки во минатото, кои, според него, биле проследени со криминал, неработење и недоволна испорака на резултати.
Премиерот се осврна и на неговата поранешна средба со Димитар Ковачевски, истакнувајќи дека тогаш барал национален консензус за клучните прашања поврзани со преговарачката рамка со Европската унија. Како што наведе, апелирал да не се прифаќаат условите поврзани со историската комисија и измените на Уставот, но неговите предлози не биле прифатени.
Мицкоски истакна дека и во сегашноста постојат сериозни разлики меѓу власта и опозицијата. Тој посочи дека на средба со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, било јасно дека ставовите се дијаметрално спротивни, особено по прашањето за уставните измени.
„Тој јасно кажа дека би го сменил Уставот веднаш доколку има можност и дека за него тоа не претставува проблем. Со такви различни позиции, тешко е да се постигне национален консензус“, изјави Мицкоски.























