
Во првата недела од 2026 година, во земјава се регистрирани вкупно 1.725 случаи на грип и заболувања слични на грип, што е зголемување од 2,2 пати во однос на претходната недела, информираше директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.
Најмногу заболени се пријавени во Скопје, Тетово и Куманово. Според податоците на ИЈЗ, најголем број заболени се лица на возраст од 15 до 64 години (749), следени од деца на возраст од 5 до 14 години (618), деца до 4 години (229) и лица над 65 години (129).
Андоновска истакна дека е важно граѓаните да се придржуваат до превентивните мерки за да се намали ширењето на вирусот. Таа препорача избегнување на масовни собири и престој во затворени простории со голема концентрација на луѓе, редовно миење на рацете, проветрување на просториите, како и внес на доволно течности и лесна исхрана.
Лицата со симптоми на грип се повикани да останат дома и да се консултираат со матичен лекар, додека родителите се советувани да не ги упатуваат децата со симптоми во училиште или градинка.



























