Во рамките на акцијата за чистење на големото речно корито на Градската река во Прилеп, градежните активности продолжуваат на потегот покрај улицата „Кеј 1-ви Мај“ во населбите Чачорица и Бончејца. Досега се извадени повеќе од 300 кубни метри насип, а работите ќе продолжат сè до железничкиот мост на кејската улица. Следната фаза ќе опфати делницата кон мостот на улицата „Трајко Николоски“.

И покрај обилните врнежи во изминативе денови, состојбата со водостојот е стабилна и во моментот нема опасност од излевање на реката.
Градоначалникот Проданоски изрази благодарност до раководствата на јавните комунални претпријатија и до Подрачната единица на Водостопанство на Македонија – Прилепско Поле, кои активно придонесуваат за успешна реализација на акцијата со својата механизација.

Воедно, граѓаните се повикуваат да не фрлаат отпад во речното корито, бидејќи тоа предизвикува големи штети и можни хаварии. За таа намена се обезбедени соодветни локации каде отпадот може да се депонира безбедно.























