
Прилеп подготвува текстуални измени на Генералниот урбанистички план (ГУП) со цел да се овозможи континуитет во издавањето градежни дозволи и да се поттикне економскиот развој на градот. Со измените, на стариот ГУП кој важеше до 2023 година би му се продолжил рокот до донесувањето на нов урбанистички план, чија изработка може да трае од 24 до 36 месеци.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, посочи дека во изминатите години биле издадени мал број градежни дозволи поради неусогласеноста меѓу ГУП и деталните урбанистички планови. „Во последните осум години, на прсти се бројат издадените градежни дозволи. Тоа директно влијаеше врз економијата. Започнавме процес на измена на текстуалниот дел на ГУП за да нема застои, легално да се издаваат дозволи и да се ослободи просторот за градење. Немаме повеќе време за чекање“, изјави Проданоски.
Тој нагласи дека измените не се косат со законската регулатива и ќе овозможат ГУП да функционира до изработката на новиот план, за кој очекува да биде подготвен до крајот на мандатот. Според него, со овие измени ќе се зголеми интересот за инвестирање во Прилеп.
Од Секторот за урбанизам информираат дека доколку лани биле издадени околу 100 градежни дозволи, годинава бројот би можел двојно да се зголеми. Интересот е поголем кај физички лица, додека одобренијата најчесто се однесуваат на индивидуално и колективно домување и стопански објекти.
Во моментов во постапка на донесување се 18 детални урбанистички планови (ДУП) за градот Прилеп, како и уште 29 ДУП-ови за околината и населените места.






















