
Состојбата по обилните врнежи во повеќе делови од државата постепено се стабилизира, но и натаму се регистрираат штети од поплави и свлечишта, информираат од Центарот за управување со кризи.
Во општина Желино, реката Вардар се излеала во селото Стримница, при што се поплавени пет куќи. Поради конфигурацијата на теренот, пристапот за интервенција е отежнат, а надлежните служби се на терен и работат на санирање на последиците.
Во Полошкиот регион, особено во Тетово и околината, се евидентирани повеќе свлечишта. Во Тетово е пријавен пад на потпорен ѕид врз семејна куќа на улица „146“. Свлечиште има и на патот кон Попова Шапка, на околу 150 метри од жичарата, но засега нема опасност за околните објекти. Дополнителни свлечишта се регистрирани на улица „195“, на патот од Џепчиште кон Џермо, како и на улица „Прохор Пчински“. Во селото Вејце е пријавено свлечиште над куќа која веќе имала оштетувања.
Во општина Теарце се пријавени поплавени подрумски простории, додека во Јегуновце е поплавен локалниот пат од селото Сиричино кон Јегуновце. Општината испрати механизација и се очекува нормализирање на сообраќајот.
Состојбата во Гостиварско постепено се смирува. Реките во селата Лакавица, Беловиште, Мало Турчане и Балиндол се повлекле во своите корита. Во Форино, каде што претходно се излеа Вардар, водата се повлекла од улиците, но продолжува испумпувањето од околу 200 поплавени куќи.
Во Кичевско, нивото на реките е намалено, а состојбата во градската болница, чии подрумски простории беа поплавени, е нормализирана. Евакуирани се 250 лица од 62 семејства, на кои им се доставуваат храна, вода и неопходни средства.
Екипите на јавното претпријатие „Комуналец“ и противпожарните служби вршат испумпување на водата од подрумските простории на улиците „Прилепска“, „Пиринска“, „Први Мај“ и „29 Ноември“, како и од домовите покрај реките Треска и Зајашка. Поплавени се и земјоделски површини во близина на речните корита.
Во Кумановскиот регион во моментов нема опасност од нови излевања, бидејќи водостојот на реките е намален. Сепак, пријавени се поплави на земјоделски површини, а во населбата Бедиње надојдената вода однела дрвен мост.
Во Скопје е пријавена надојдена вода кај мостот во Јурумлери, како и минимално излевање на реката Вардар кај селата Пакошево и Ново Село во општина Зелениково.























