УТРО.мк

Проданоски: Карпалак е симбол на храброста, пожртвуваноста и љубовта кон татковината

Проданоски: Карпалак е симбол на храброста, пожртвуваноста и љубовта кон татковината
Vero

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, по повод одбележувањето на 25-годишнината од трагичниот настан кај Карпалак, порача дека жртвата на десеттемина прилепски бранители останува вечен потсетник за цената на слободата, мирот и достоинството на татковината.

Одбележувањето на годишнината започна во текот на вчерашниот ден, кога беше оддадена почит на десеттемина бранители од Прилеп кои ги загубија животите во одбрана на Република Македонија.

Со положување свежо цвеќе пред спомен-обележјата во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп и кај селото Лениште, беше оддадена почит на загинатите бранители и на нивната жртва.

Одбележувањето продолжи и утрово со посета на нивните вечни почивалишта.

„Утрово, почит им оддадовме и пред нивните вечни почивалишта, со мисла за нивните семејства, нивните најблиски и за нивното дело кое останува длабоко врежано во историјата на Прилеп и Македонија“, истакна Проданоски.

Тој нагласи дека Карпалак претставува симбол на храброста, пожртвуваноста и љубовта кон татковината и дека обврска на сегашните и идните генерации е да го зачуваат споменот за загинатите.

„Нивната жртва е вечен потсетник дека слободата, мирот и достоинството на татковината имаат своја цена. Наша обврска е да паметиме, да ја чуваме вистината и со најдлабока почит да го негуваме споменот на оние кои без двоумење застанаа во одбрана на Република Македонија“, порача Проданоски.

Во рамки на денешното одбележување, во 13 часот е предвидено положување цвеќе и оддавање почит пред споменикот „Карпалак“ во центарот на Прилеп.

Проданоски упати повик до граѓаните заеднички да им оддадат почит на десеттемина прилепски бранители.

„Нека нивната љубов кон Македонија биде наша трајна обврска и инспирација. Вечна им слава!“, порача Проданоски.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin