
Кетеринг-компанијата „Рустика Вединг Хол“ повторно ја стави во функција својата кујна, откако конечните инспекциски и лабораториски наоди потврдија дека нивната храна не е причинител за масовното труење на вработените во прилепската компанија „Микросам“.
„Рустика Вединг Хол“, компанија со долгогодишно искуство во обезбедување кетеринг услуги, ја информира јавноста дека, по завршувањето на инспекциските постапки и добивањето на конечните лабораториски наоди што следеа по случајот со труењето во Прилеп, нејзината кујна повторно е во функција.
Компанијата укажува дека сите досега спроведени инспекциски контроли и лабораториски анализи потврдија дека не се утврдени санитарно-хигиенски или санитарно-технички недостатоци, ниту контаминација во работните простории, кујната и анализираните примероци од храната. Дополнително, лабораториските анализи на примероците од храната не утврдија присуство на бактерии или друга контаминација, што потврдува дека во анализираните примероци не се констатирани отстапувања од пропишаните стандарди за безбедност на храната и важечките законски прописи.

















