
Голем пожар избувна попладнево на плац со хаварисани возила во Тетово, при што гори поголемо количество гуми, автомобилски делови и друг материјал. Поради пожарот се создава густ чад кој се шири во околните населени места.
Раководителот на противпожарната и спасувачка единица во Тетово, Авни Амети, информира дека пожарот е посериозен поради материјалите кои горат, а во текот на интервенцијата се регистрирани и експлозии од акумулатори и други делови од возилата.
Бензинската пумпа која се наоѓа во близина е обезбедена, а пожарникарите ја следат ситуацијата. Според Амети, засега нема опасност пожарот да ја зафати пумпата.
На местото пристигнал и Општинскиот инспекторат за животна средина, кој ќе изврши увид и ќе направи анализи за да се утврди дали пожарот предизвикал загадување на воздухот или на животната средина.
Раководителот на општинскиот инспекторат, Арменд Салихи, најави дека доколку анализите покажат прекршување на законските прописи, против одговорните лица ќе бидат преземени соодветни мерки.
Поради густиот чад и горењето на гуми, пластика и друг отпад, надлежните упатија препорака до жителите во околината да ги затворат прозорците и, доколку е можно, да останат во затворени простории додека трае пожарот.















