По завршувањето на локалните избори, 155 медицински работници кои со години работат со договор на дело во Клиничката болница во Тетово ќе добијат решенија за трајно вработување, потврди министерот за здравство Азир Алиу.
Тој појасни дека постапката е ставена во мирување поради законските ограничувања во период на избори, но дека е обезбедена согласност од Министерството за финансии, а тестирањата на кандидатите се спроведени на 7 јули годинава. За 155 работни места се пријавиле 290 кандидати.
„По изборите ќе продолжиме со последниот чекор за вработување. Анализите покажуваат дека во Тетово има потреба од над 300 вработени, па ќе отвориме и нова постапка за дополнување на кадарот“, рече Алиу.
Министерот денеска одржа работна средба со директорот на болницата Ерзен Елези и градоначалникот на Тетово Биљал Касами, на која се разгледуваа приоритетите за инфраструктурно унапредување и реконструкција на постојните капацитети.
Од вкупно 205 милиони евра предвидени за здравствени инвестиции во Тетово, Кичево и Штип, над 70 милиони ќе бидат наменети за Тетово, со можност за изградба на две нови и реновирање на три постоечки згради.