
Девет пожари на отворен простор се регистрирани до 13 часот денеска на територијата на Македонија, информира Центарот за управување со кризи. Од нив, пет пожари се активни, три се ставени под контрола, а еден е целосно изгаснат.
Активен е пожарот во Општина Македонски Брод, на месноста Видуш, во близина на селото Драгов Дол. Таму гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Огнот е активен и над селата Моране, Вртекица и Рамни Габер во Општина Студеничани, каде што е зафатена мешана шума.
Пожар е регистриран и во населбата Илинден, каде што гори ниска вегетација, како и во селото Чифлик во Општина Желино, каде што огнот зафатил ниска вегетација и мешана шума.
Активен пожар има и во селото Букри во Општина Битола, каде што гори ниска вегетација.
<strong>Три пожари ставени под контрола</strong>
Под контрола се ставени пожарот на градската депонија во Делчево и огнот во близина на Ново Село на планината Огражден, каде што се зафатени депонија, деградирана мешана шума и ниска вегетација.
Под контрола е и пожарот во селото Зајас, Општина Кичево, каде што гореле стрниште, борова шума и гуми.
Целосно е изгаснат пожарот во селото Врањовце во Општина Врапчиште, каде што горела ниска вегетација.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека состојбата со пожарите на отворен простор низ земјава продолжува внимателно да се следи.

















