Македонската заедница во Австралија уште еднаш покажа дека традицијата живее и далеку од татковината. На брегот на океанот, во празнична атмосфера исполнета со музика, мириси и насмевки, беше одржан Македонскиот пикник 2025 – настан што собра голем број Македонци од Џилонг, Мелбурн и пошироко.
Централниот дел од програмата му припадна на Групата „Извор“ од Мелбурн, која со автентични народни песни и ора создаде вистинско македонско доживување под отворено небо. Ритмите на традиционалната музика ги кренаа присутните на нозе, претворајќи го пикникот во живо културно славје.
Посебен печат на настанот му даде и богатата македонска кујна, како и празничната декорација – волшебно украсена божиќна елка, светилки и украси, надополнети со импресивната морска глетка. Покрај Македонците, на пикникот присуствуваа и припадници на други етнички заедници кои го одбележуваат Грегоријанскиот Божиќ, што му даде интеркултурна димензија и ја засили пораката за заедништво, почит и споделена радост.



























