
Жителите на населбата „Стрелиште“ во Битола по повеќе од две децении ќе добијат нови и современи спортски терени, откако Општина Битола започнува реализација на значаен инфраструктурен проект за реконструкција и модернизација на постојните игралишта.

Во рамките на проектот ќе е изградено ракометно игралиште со димензии 40 на 20 метри, како и кошаркарско игралиште со димензии 30 на 15 метри. Предвидена е и мини атлетска патека во рамките на фудбалското игралиште, како и пристапна патека до спортските содржини изработена од бехатон плочки.
Проектот опфаќа целосно отстранување на постојниот асфалт и поставување нова асфалтна подлога со еластичен тартан, што ќе овозможи побезбедни и поквалитетни услови за спорт и рекреација.

Дополнително, околу спортските терени е поставена нова метална транспарентна ограда со висина од четири метри, со што ќе се подобри безбедноста и функционалноста на комплексот.
Вкупната вредност на проектот изнесува 26.470.435 денари. Средствата се обезбедени од Министерството за спорт преку вториот владин повик, на кој Општина Битола успешно аплицираше.
Со реализацијата на овој проект, населбата „Стрелиште“ ќе добие современ спортско-рекреативен простор кој ќе биде на располагање на младите, спортистите и сите граѓани.














