УТРО.мк

ЕФА бара Бугарија да се извини за злосторствата врз Македонците за време на комунизмот

ЕФА бара Бугарија да се извини за злосторствата врз Македонците за време на комунизмот
Vero

На годишното собрание на European Free Alliance (ЕФА) едногласно беше усвоена декларација со која се бара Бугарија официјално да се извини за, како што се наведува, злосторствата извршени врз македонското малцинство за време на комунистичкиот период.

Информацијата ја објави македонската национална политичка организација во Бугарија „ОМО Илинден“, посочувајќи дека декларацијата содржи повеќе барања поврзани со правата на Македонците во Бугарија.

Во документот се нагласува потребата од поголема свест за состојбата со човековите права на македонското малцинство, при што се посочува дека Бугарија сè уште не спровела повеќе пресуди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на регистрацијата на македонски организации.

ЕФА, исто така, бара Европската Унија да ја повика Бугарија на одговорност за исполнување на обврските поврзани со човековите и малцинските права, како и да се стави крај на, како што се наведува, двојните стандарди во третманот на земјите-членки и земјите-кандидати.

Во декларацијата се бара и вклучување на претставник на македонската заедница во Националниот совет за соработка по етничките и интеграциските прашања во Бугарија.

Посебен акцент е ставен на барањето за официјално извинување од бугарската држава за репресиите врз Македонците во периодот на комунизмот. Во текстот се наведува дека илјадници Македонци биле изложени на притисоци, казни, затворања, присилни преселби и други форми на прогон поради изразување на својот етнички идентитет.

Од ЕФА сметаат дека признавањето на овие историски настани и почитувањето на малцинските права претставуваат важен чекор кон унапредување на демократските стандарди и човековите права во Европа.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран