
Општина Битола се приклучува кон кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ и ја поддржува иницијативата на Обединетите нации за поголема јавна свест за економското насилство врз жените.

Од Општината посочуваат дека економското насилство е една од најмалку препознаените форми на родово базирано насилство. Тоа може да се манифестира преку контрола на парите и приходите на жената, ограничување на нејзината можност да се вработи или оневозможување да ги оствари своите имотни и наследни права.

Во рамки на кампањата, Општина Битола укажува и на економската експлоатација, како и на нееднаквата распределба на неплатената грижа и домашната работа. Пораката е дека секоја жена има право на економска независност и на слобода самостојно да одлучува за својата работа, приходи и иднина.
























