Основното јавно обвинителство Штип поведе постапка против едно лице поради насилство за време на младинскиот натпревар меѓу „Брегалница“ и „Шкупи“ на стадионот „Бело Брдо“, при што биле нападнати и повредени две деца.
Според обвинителството, инцидентот се случил на 24 август, во 89-тата минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок доделил втор жолт картон и го исклучил од игра синот на осомничениот, фудбалер на „Шкупи“. Незадоволен од одлуката, играчот реагирал несоодветно и се обидел физички да се пресмета со противнички играч, по што на теренот влегол неговиот татко.
Осомничениот започнал со тупаници и клоци да напаѓа двајца играчи родени 2010 година, членови на тимот на „Беласица“, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. Нападот предизвикал чувство на страв и несигурност кај оштетените и присутната публика, а ситуацијата била спречена да ескалира благодарение на други лица кои интервенирале од трибините.
Јавниот обвинител предложи мерка притвор за осомничениот поради тежината на делото, опасноста од бегство и ризикот од негово повторување.