
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека ќе се спроведува тестирање, калибрација и верификација на поставените камери од проектот „Безбеден град“ во подрачјето на градовите Куманово и Тетово, како дел од подготвителните активности пред официјалното пуштање во употреба на системот.
Според известувањето од МВР, активностите ќе се реализираат од 08:00 до 20:00 часот, а на секоја локација со поставени камери постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае околу 15 до 30 минути. За време на тестирањето на конкретните локации, сообраќајот ќе биде привремено запрен, а по завршувањето на проверката ќе продолжи нормално да се одвива.
Оваа фаза е дел од пилотниот период на системот „Безбеден град“, кој веќе беше во пробна фаза во Скопје и се очекува да почне со наплата на казни од 1 февруари 2026 година откако ќе завршат тестирањата и усогласувањата.
Целта на проектот е да се подобри безбедноста во сообраќајот преку автоматско детектирање на прекршоци како пречекорување на брзината, минување на црвено светло и други повреди на правилата, а сопствениците на регистрирани возила ќе добиваат известувања за прекршоците.



























