Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, синоќа беше дел од мешаната патрола составена од претставници на СВР Битола, Општинскиот совет за превенција од малолетничко престапништво, ЈУ МЦСР Битола и родители на малолетници.

Патролата од 21 часот до 1 часот по полноќ ги посети локациите на Широк Сокак и Градскиот парк, како омилени места за собирање и дружење на младите. Целта беше да се подигне свеста за одговорно однесување во вечерните часови и да се укаже на опасностите од консумирање алкохол и психотропни супстанции.

„Со вклучување на родителите во мешаните патроли се испраќа јасна порака за поголема превентивна активност и заедничка грижа за младите“, нагласија организаторите.
Членовите на патролата разговараа и со сопствениците на угостителски објекти, барајќи доследно почитување на законските одредби од Кривичниот законик и Законот за јавен ред и мир, со цел намалување на девијантните појави, ноќното дивеење и уништувањето на јавните добра.