УТРО.мк

Коњановски: Со идеите на битолчани заеднички создаваме буџет по мерка на граѓаните

Коњановски: Со идеите на битолчани заеднички создаваме буџет по мерка на граѓаните
Vero

Инфраструктурата, образованието, спортот, културата и социјалната заштита беа меѓу областите за кои битолчани предложија проекти на денешната прва сесија од Буџетскиот форум за подготовка на општинскиот буџет за 2027 година.

Општина Битола петта година по ред го организира форумот, преку кој граѓаните имаат можност директно да ги посочат потребите и да учествуваат во утврдувањето на приоритетите за следната година.

Градоначалникот Тони Коњановски во своето обраќање истакна дека буџетот не е само финансиски документ, туку одраз на потребите на граѓаните и на визијата за развој на Битола.

„Форумот не е обична јавна расправа, туку место каде граѓаните активно учествуваат во предлагањето решенија и утврдувањето приоритети. Со ова ја потврдуваме нашата транспарентност и отчетност, преку отворена дебата за тоа како се планираат и трошат јавните средства“, рече Коњановски.

Меѓу предлозите беа надвозник кај ОУ „Коле Канински“, асфалтирање улици, уредување на просторот околу факултетите во поранешната касарна и изградба на спортски терени за студентите. Граѓаните предложија и водоснабдување и пречистителна станица за Нижеполе, како и реновирање на салата за гимнастички спортови.

Во областа на културата и образованието беа изнесени идеи за Битолска градска куќа, обезбедување објект за државното музичко училиште, формирање средно уметничко училиште и професионален фолклорен ансамбл. Беше побарано и обезбедување простор за дневен центар за деца со аутистичен спектар.

На форумот се разговараше и за изградбата на спортската сала во Долно Оризари, текот на работите на пливачкиот базен во ОУ „Даме Груев“ и потребата од реновирање на училиштето во Буковски Ливади.

Предлозите ги забележаа раководителите на надлежните општински сектори, а на сесијата присуствуваа и претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, и советници.

Коњановски посочи дека по завршувањето на административните фази, предлог-буџетот ќе биде разгледан на комисиска расправа, а потоа и на седница на Советот на Општина Битола.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран