
БИТОЛА – По повод 35-годишнината од независноста на Македонија, денеска бројни делегации положија свежо цвеќе пред споменикот на НОАВМ во Битола.
Почит на значајниот датум од македонската историја оддадоа градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, членови на Советот предводени од претседателот Бојан Бојкоски, претставници на Сојузот на борци, политички партии, здруженија и граѓани.
Во своето обраќање по повод Денот на независноста, Коњановски истакна дека независноста не претставува само историски датум, туку обврска за нејзино понатамошно градење и унапредување.
„Нашата независност не е само датум од историјата – таа е секојдневна борба, грижа, но и надеж“, порача Коњановски.
Тој упати почит кон сите оние кои со својата визија, жртва и личен придонес ги поставиле темелите на современата македонска држава, посочувајќи дека иднината на земјата е во рацете на младите.
„Тие се срцето на нацијата, двигателот на промените и најсилниот гарант дека Македонија ќе остане на патот на достоинството и државотворноста“, истакна битолскиот градоначалник.
Коњановски нагласи дека обврска на сегашните генерации е да продолжат да ја градат Македонија како земја на можности, слобода и правда.
По повод празникот, тој упати честитка до граѓаните со порака: „Нека ни е честит 8 Септември – Денот на независноста. Нека ни е вечна Македонија.“

















